Wednesday, February 7, 2018

Одбележување на светскиот ден за побезбеден Интернет

        По повод светскиот ден за побезбеден Интернет, кој годинава се одбележуваше на 06 Февруари, во нашето училиште беа реализирани повеќе работилници со учениците од осмо и деветто одделение. Целта на овие работилници беше да се поттикнат учениците на позитивна промена на Интернет. Уште од најмлада возраст да превземат контрола врз својата дигитална благосостојба и да ги истражат начините т.е можностите кои Интернетот им ги нуди на позитивен начин. Преку овие работилници учениците исто така се информираа како социјалните мрежи и целата онлајн заедница влијае врз нив, како да се справат со различни притисоци онлајн, да креираат позитивни пораки и споделуваат почит додека се на Интернет.
За таа цел учениците следеа презентација со содржини кои ги поттикнаа на дискусии за темата. 
        Потоа, учениците добија задача за размислување за конкретни ситуации од нивното секојдневие на социјалните мрежи, кои требаше...
...да ги обојат во соодветна боја во зависност од тоа какви чувства предизвикуваат кај нив. Кога сите беа готови, ги споредивме обоените шеми и видовме дека боите се поклопуваат кај различни ученици, што значи дека една ситуација која кај еден ученик предизвикува среќа истото го прави и кај повеќе други ученици. Сличен ефект имаше и со ситуациите кои предизвикуваа тага и вознемиреност кај учениците. Заеднички заклучивме дека кога објавуваме нешто на Интернет секогаш треба да размислиме од своја гледна точка дали тоа не прави среќни или не растажува, зошто голема е веројатноста дека истото чувство ќе биде предизвикано и кај другите кои ќе ја прочитаат објавата. Учениците од осмо одделение, дел од активностите ги реализираа со примена на ИКТ- како мултимедијални презентации каде имаа можност да ги поврзат знаењата од часот по Проекти од информатика, во дизајнирање на презентациите и поставување ефекти на анимација и преод на слајдови. 







            На крајот, секој ученик доби парче од една голема сложувалка со задача да напише какво добро дигитално дело ќе направи денес или како ќе го направи Интернетот подобро место за секој од нас да се чувствува убаво. Сите парчиња ги составивме во една голема сложувалка и заклучивме дека ако секој го направи своето добро дигитално дело, ако секој го исполни своето ветување, навистина ќе направиме позитивна промена  на Интернет.

          Учениците пак од деветто одделение, дел од советите за креирање и споделување почит на Интернет ги вметнаја во своите програми во Скреч- вежбајќи ги структурите за повторување на циклуси кои ги научија за време на часовите по Програмирање. 




         Активностите се реализираа под раководство на наставникот по Проекти од информатика Лена Ѓеровска.


No comments:

Post a Comment